Тројца обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница

Поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, раководно лице во болницата, и дежурниот доктор се обвинети за пожарот во модуларната болница, каде загинаа 14 луѓе. Поднесен е обвинителен предлог од страна на Обвинителството, а се гони и правното лице, односно Општата болница – Тетово.

Директорот и раководното лице кои се прво и второ обвинети се гонат дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност. Докторот се гони дека сторил кривично дело непостапување според здравствени прописи во време на епидемија. Тетовската болница се гони за двете кривични дела.

Обвинителниот предлог е поднесен по десет месеци по покренатата истрага. На 5 октомври, Обвинителството објави извештај за причините за пожарот и информираше дека сè започнало во моментите кога лекарскиот тим ја почнал реанимацијата на пациентка болна од КОВИД-19, при што се случил краток спој на продолжен кабел.

Во страотниот пожар кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово со себе однесе и 14 животи на пациенти кои се лекуваа од коронавирус, но и членови на семејствата кои биле внатре во критичниот момент. 14 лица беа спасени пред објектот целосно да изгоре.

Досега јавно беа обелоденети само детали од извештајот којшто го изготвија македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти.

Пожарот, во кој изгореа 14 лица, 12 пациенти и две лица придружба, се случи вечерта на 8 септември 2021 година. Според видеото од безбедносните камери се виде дека објектот изгорел за три минути.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e