Триесет години од првите парламентарни избори низ призмата на неколкумина млади политичари

Точно пред триесет години, на 11 ноември 1990 година, се одржаа првите повеќепартиски парламентарни избори во тогашна Социјалистичка Република Македонија, а останатите по независноста во 1991 година. Многу работи се случија оттогаш до денес, почнувајќи од референдумот за независноста и формирањето на Република Македонија, радост за многумина до менувањето на името и влезот во НАТО и неизвесниот почеток на преговорите со ЕУ. Но, како на овој сега веќе историски момент гледаат младите политичари, и каква иднина треба да имаат новите генерации.

Генералниот заклучок на неколкумина млади политичари е дека тогаш поставените цели се делумно исполнети и дека треба да продолжи работата на оние незавршените, секако прилагодени на новите потреби и можности.

Поранешната пратеничка и активистка Ивана Туфекчиќ за МИА вели дека по 30 години од првите парламентарни избори она што може да се каже е дека едната зацртана стратешка цел од историскиот прв состав е исполнета, а тоа е членството во НАТО, но дека Собранието и пратениците се соочуваат со предизвици.

-Собранието и пратениците, сепак, се соочуваат со предизвици, пред се за исполнување на својата пратеничка улога, не само во законодавна туку и во надзорна и претставничка смисла. Неопходно е да постои политичка волја кај политичките партии, но и кај самите пратеници за градење на Собранието како силна институција која ќе ја контролира извршната власт, но и да продолжи со отворениот и инклузивен пристап во градењето политики заедно со сите засегнати страни, вели Туфекчиќ.

Најмладиот пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски сметам дека во изминатите триесет години граѓаните дадоа доста жртви, труд и беа упорни за создавање на стабилна држава со силни институции, но констатира дека сеуште имаме цели што не се постигнати, а што беа зацртани на тие први парламентарни избори.

-Поводот од 30 години од одржувањето на првите парламентарни избори секако е еден непобитен факт кој се вклопува во суштината на македонската независност. Од влегувањето од еден во друг општествен систем и формирањето на македонскиот плурализам овие избори го носат и предзнакот на демократичност во кои е дозволено и настап на повеќе политички партии. Самата организација на овие избори и поведението на одредени учесници во нив од аспект на сеуште недоволна свесност за формирање на независна држава укажува на тоа во каков момент биле истите и одржани, вели Стојановски.

Целите кои се поставени тогаш смета тој, се делумно постигнати, а во изминатите 30 години сите политички чинители дале определен придонес во политичкиот фолклор.

-Избраните влади повеќе или помалку даваа придонес во развојот на Република Македонија. Лично сметам дека граѓаните на Република Македонија дадоа доста жртви, труд и беа упорни за создавање на стабилна држава со силни институции, ама запазувајќи го начелото на реалност морам да констатирам дека сеуште имаме цели кои не се постигнати, а кои беа зацртани на тие први парламентарни избори, се до денес 30 години подоцна, вели Стојановски.

Сепак, потенцира тој, тие цели треба да бидат прилагодени согласно актуелните ситуации и можности, а треба да се креираат и нови цели, се во интерес на мотивот кој бил присутен и тогаш.

-Стабилна, безбедна, просперитетна држава, со силни институции и силен стандард, среќни граѓани, држава која е интегрирана во силните меѓународни евроатлантски организации со јасен патоказ за својата иднина, потенцира опозицискиот пратеник Стојановски.

Костадин Костадинов, еден од поистакнатите пратениците од редовите на владејачката СДСМ во последните два состави смета дека промените во партискиот систем на земјава во изминатите 30 години имаат смисла само ако има промени кои се важни за граѓаните и иднината на државата.

-Пред 30 години, точно на денешен ден, на 11.ноември во 1990 година беа одржани првите парламентарни избори во Република Македонија. Само осум месеци пред овие избори сум роден јас, во Струмица. Промените во партискиот систем на земјава во изминатите 30 години имаат смисла само ако има промени кои се важни за граѓаните и иднината на државата. Тоа е еден од најзначајните аспекти и придобивки од демократијата. Слободата на политичко здружување е едно, но влијанието врз процесите за иднината е сосема друго, вели Костадинов.

Горд е, како што нагласува, поради неколку работи.

-По триесет мои години, по 30 наши заеднички години од плурализмот и демократијата во мојата, во наша татковина, можам да кажам дека сум горд. Горд сум што како млад политичар припаѓам на генерација која успеа да ја врати слободата и демократијата во државата, да го сруши режимот и да ја исполни една од клучните, стратешки цели поставени уште со независноста, членството во НАТО. По години патешествија, блокади, режим, децениска стагнација, конечно станавме членка на НАТО. Ние сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот, рамо до рамо со најсилните, најразвиените, рамноправен партнер.
Продолжуваме понатаму, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во Европската Унија, посочува Костадинов.

Овде, смета, не се работи овде само за политика, се работи за животот на граѓаните, на идните генерации.

-Тоа е доказ дека сме на вистинскиот пат. А ние како генерација, имаме обврска да продолжиме по вистинскиот пат, патот на иднината, напредокот, слободата и демократијата, заклучува Костадинов.

За Арта Биљали – Зендели од ДУИ ова е прв пратенички состав, а оваа професорка по правни науки смета дека во изминатите триесет години темелите на парламентаризмот се веќе воспоставени, а новата генерација на парламентарци, меѓу кои спаѓа и таа, треба да придонесе за што поцврста и постабилна држава.

-30 години по првите парламентарни избори значи пред сé дека имаме релативно добро искуство во парламентаризмот и во текот на овој период, според мене работите се придивижија кон напред. Како историски факт, од моја лична перспектива, тоа значи дека темелите на парламентаризмот се веќе воспоставени и ние како нова генерација на парламентарци треба да придонесуваме за што поцврста и постабилна држава, вели Биљали – Зендели.

Во одредени сегменти, според неа, државата ги надминала постигнатите цели.

-Фактот што денеска имаме држава која е меѓународно признаена, членка на НАТО и наскоро и членка на ЕУ, е јасен показател дека огромен дел од целите на првите парламентарци се постигнати и дури можам да кажам дека за одредени работи е отидено и над тие цели, вели младата пратеничка.

Нејзиното вклучување во политиката, потенцира, има за цел да им го отвори патот и на другите амбициозни и способни жени за вклучување на политиката.

-Силно верувам во способностите на жените и секогаш ми пречело да гледам жени на кои не им се слуша гласот или стојат на маргините на големите процеси. Јас се надевам дека ќе бидам добар пример.
Кога веќе сме рамноправна членка на НАТО, мислам дека стремежите кон ЕУ остануваат
наши највисоки приоритети во надворешен план а целосната рамноправност на сите
граѓани без оглед на нивните разлики, на внатрешен план, заклучува пратеничката на ДУИ Биљали – Зендели.

Триесет години плурализам

На 11 ноември 1990 година, се одржаа првите повеќепартиски парламентарни избори во тогашна Социјалистичка Република Македонија. На изборите им претходеа амандмани на Уставот од 1974 година, со кои се извршија радикални промени во општествено-економскиот и политичкиот систем, вклучително и укинување на делегатскиот систем и избор на пратениците од страна на граѓаните на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

По извршените подготовки, на 11 ноември 1990 година се одржаа првите демократски повеќепартиски парламентарни избори.

Изборите се организираа според мнозинскиот систем во 120 изборни единици, а на нив учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Од 1990 година па наваму одржани се вкупно десет парламентарни избори.

Парламентарниот институт, што функционира во рамки на Собранието на Република Северна Македонија го подготви едукативен инфографик со информации од досега одржаните десет циклуси на парламентарни избори (1990-2020) во рамки на одбележувањето на овој значаен јубилеј.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e