Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „ТНТ” на Специјалното јавно обвинителство кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос” на бизнисменот Фијат Цаноски.
Пред почетокот на судењето, веднаш по констатирањето на присутните претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев рече дека на една минута пред да влезе на судење добил барање за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесено од обвинетиот Тони Трајковски, поранеше градоначалник на Гази Баба. Тој се сомнев за поврзаност на директор на градежна фирма за кој било повлечено обвинението во ТНТ, со случајот „Рекет“.
-Во моментов е актуелен случајот ’Рекет‘ не само овде, туку и во целиот свет. Ние во поднесокот за изземање објаснуваме за фирмата ’Дрим билдинг‘, каде овластено лице е Адриан Амзоски, инвеститор во ’Космос‘. Во делот на сумата ова лице преку ’Дрим билдинг‘ има уплатено средства на организацијата ’Меѓународен сојуз‘, каде претседател е лицето Бојан Јовановски. Уплатената сума од над 16 милиони денари, е повисока од вкупниот годишен приход на ’Дрим билдинг‘”, рече Трајковски.
Ставрев рече дека денешното судење ќе продолжи, а судот дополнително ќе се изјасни по барањето, кое како што рече, немал време да го разгледа.
Рочиштето продолжи со сослушување на првиот сведок Светлана Јовановска, предложена од одбраната.
Јовановска е стручно лице дипломиран архитект, вработена во Општина Гази Баба во секторот за урбанизам. Во 2010 била одговорен општински урбанистички инспектор, а во декември истата година станала раководител на Секторот за урбанизам во Општина Гази Баба.
На денешното рочиште треба да сведочат и Елисавета Ристовска Петрова и Соња Маневска.
Во предметот „ТНТ”, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос” на Фијат Цаноски. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвиненито е Бурим Рустеми од СЈО.