Поранешниот министер Никола Тодоров во гостување во емисијата „Печат на неделата“ на 1ТВ, прашан какви му се односите со Груевски и дали се слуша телефонски со него, рече дека не се слуша но и дека не му е лут.
За односите со Мијалков вечерва призна дека подолго време не се во добри односи, поточно од кога Мијалков наредил Мицкоски да биде новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
– Јас тогаш предлагав колективно ракводство од 5 члена кои ќе ги направат неопходните реформи во партијата да се врати на западно-европскиот курс како модерна партија. Мијалков беше против тоа и јас на некој начин се пасивизирав – рече Тодоров.
Истакна дека голема грешка на Мицкоски била што форсирал бојкот на референдумот, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го предложила кога би дошло до решение на спорот со Грција.
– Како ќе го промени договорот од Преспа кој го поздрави целиот свет и ни ги отвори вратите за влез во ЕУ и НАТО. Еве и кандидатката за претседател на државата, професорката Силјановска, која е избор на Мицкоски, ја употребува истата реторика дека ќе го смени договорот а таа како професор знае дека од тоа нема ништо. На народот треба да му се каже вистината, а не да се ловат евтини поени.
