Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанковски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, денеска за в.д. директор на Јавното комунално претпријатие „Еремија” ја постави активистката на ВМРО-ДПМНЕ Јасмина Бебековска, објави СДК.
Досега не се памети победничка партија на локалните избори да постави за директор на ЈП припадник на друга политичка партија. Директорите секогаш биле од истата партија, најмногу заради спроведување на активностите согласно политиката и програмата на актуелниот градоначалник.
Вевчанскиот градоначалник има едноставно објаснување за оваа негова одлука.
-Бебековска ја назначив за в.д. на ‘Еремија’ од сосема едноставна причина. Во ова претпријатие само таа ги исполнуваше условите за вршител на должност директор. Само Бебековска има високо образование. Таа е дипломирана економистка, која Економскиот факултет го завршила во Прилеп. Не е точно дека таа на овие локални избори беше на листата за советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изјавил за СДК градоначалникот Сашо Јанковски.