Директорот Тасевски се осврна на релативно брзото, а успешно структурно прилагодување на Единицата согласно стандардите на истородните полициски формации, профилирајќи ја својата оперативна функционалност и кординираност како незаобиколен сегмент од организационата структура на СВР Скопје.
„Таквото нејзино позитивно позиционирање сугерира дека не само што била правилна одлуката за нејзино формирање, туку згора на тоа укажува на неопходноста од вложување во модернизирање и надградување на нејзините капацитети за натамошно ефикасно справување со сите облици на криминално делување”, рече директорот Тасевски, при што истакна дека аналитичко-статистичките податоци за многустраните активности на Единицата во разните сфери на справување со криминалот говорат за квалитетниот капацитет и перформанси во справувањето со криминалот на подрачјето на Скопје.
„Колку за илустрација ако го земеме предвид обемот на разните контролни и други оперативни активности на припадниците на Единицата само во текот на оваа година, до месец декември, а којашто како бројка на конкретни поединечни постапувања надминува 31.000, тогаш веќе се стекнува сосема јасен впечаток за еден би рекол голем функционален квантитет на активности подредени на примарната задача на министерството – безбедност и сигурност на сите наши граѓани”, рече директорот Тасевски, констатирајќи дека Единицата за интервентна полиција веќе се етаблира како кредибилна и квалитетна организациона структура во рамките на СВР Скопје.
На крајот од своето обраќање, директорот Тасевски во свое и во име на БЈБ при МВР упати честитки до припадниците на Единицата за интервентна полиција, по повод јубилејот Денот на формирањето на Единицата, со надеж за натамошни добри резултати.
