Капиталните инвестиции на крајот од вториот квартал одлично се реализираат, повтори уште еднаш министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој вчера заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, вршеше увид во реконструкцијата на два моста кај Неготино.
За гасификацијата информира дека во октомври или ноември комплетно треба да се заокружат предвидените 1,5 милијарди денари, а сериозен напредок нотираше и во изградбата на пругата, пред се делницата Куманово-Бељаковце.
– Главниот фокус на Владата и на Министерството за транспорт и врски, е реализација на капиталните инвестиции, рече тој.
Китанов информира дека железничкиот мост на кој се работи бил со непрописна висина, а мостот на Вардар се проширува.
– Оваа, по многу години, се градат четири нови мостови, се реконструираат 12, нешто што било запоставено. Има рехабилитација на преку 400 километри. Регионални, магистрални, автопатишта. Буквално не постои општина каде не се работи. Заедно со мостовите и свлечиштата, како тоа кај Конче кое стоеше околу седум години, а сега е завршено. Се решаваат сообраќајни и патни проблеми, свлечишта, рече Китанов.