Законот за јавно обвинителство го помина првиот технички филтер во Собранието.
Пратениците од власта со 57 гласа ЗА, ја изгласаа потребата од итна постапка на носење на законот.
Во име на предлагач министерката Дескоска ја повика опозицијата да гласа за, како што вели, да се расчисти криминалот од претходни функционери од нивната партија,по што следеа дофрлања од опозициските пратеници.
Политички пораки продолжија да си испраќаат и од говорницата во прес салата.
Од ВМРО ДПМНЕ најавија амандмани за спорните точки за кои не се договорија кога преговараа надвор од Собрание. Но, доколку власта не добие поддршка од 80 пратеници за законот, имаат и план Б.
-Во текот на комисиската расправа ќе поднесеме амандмани кои ќе бидат тест на власта дали сакаат квалитетен закон, истакна Антонио Милошоски – ВМРО ДПМНЕ.
-Во случај да не се најде мнозинство за Законот за јавно обвинителство, сите предмети на Специјалното јавно обвинителство ќе ги преземе и ќе ги продолжи друго јавно обвинителство. Или, со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, ќе се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство, порача министерката за правда Дескоска.
Незадоволни од законот се и од албанската опозиција. Бараат гаранција за продолжување на постапките отворени од СЈО.
Алчноста на група луѓе, не смее да го спречи носењето на законот, велат од ДУИ.
Во четврток владиниот предлог-закон за јавно обвинителство се сели на матичната комисија за европски прашања, каде што пратениците ќе расправаат за нивните забелешки.
Извор: Канал 5