Во вечерашното гостување во емисијата “Само вистина” на Канал 5 телевизија, директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, истакна дека Ковид-19 е огромно оптоварувањето на здравствениот систем, особено заради фактот дека Ковид-19 е заболување кое многу долго време се лекува и бара долга хоспитализација, од најмалку 10 дена.
Директорката посочи дека состојбата кај хоспитализираните лица е многу специфична бидејќи се случува понекогаш кај пациенти после извесно подобрување на состојбата, да дојде до нагло влошување на состојбата. Затоа секој испишан пациент мора да биде пуштен дома само доколку сите аспекти се добро проверени, а не само со негативен брис. Воедно, на пациентите после исписот им се препорачува и период од дополнителни 14 дена изолација со цел целосно излекување и стабилизација, па потоа да следи враќање во нормален живот.
Запрашана зошто смртноста на лицата поставени на механичка вентилација е висока, директорката Стевановиќ со следново објаснување:
“Прво, респираторот не е тој што лекува. Машината е инструмент кој купува време и ни дава можност за тоа време ние да лекуваме. Машината не е лек. Следењето на машината и негата на пациентот за време на механичката вентилација е еден континуиран и многу специфичен процес. Ние сето тоа го спроведуваме, но за жал, досега екстремно е висока смртноста на пациентите кои се ставени на машина. Се уште нема пациент кој сме го извлекле од механичка вентилација, но има надежни пациенти” – објасни д-р Стевановиќ.