Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Р.Германија во Р.Македонија, Кристине Алтхаузер.
На состанокот се разговарало за реализацијата на клучните услови за организирање и спроведување регуларни избори во Декември, како и за активностите на СДСМ насочени кон квалитетен живот за граѓаните и демократизација на општеството.
Заеднички е ставот дека техничката Влада и сите државни институции мора да функционираат во правец на обезбедување услови за фер предизборен и изборен процес, и дека нема алтернатива за слободни демократски избори коишто единствено отвораат перспективи за Македонија и граѓаните, информираат од СДСМ.
– Фокусирани сме да овозможиме на овие избори да одлучи слободната волја на граѓаните. Тоа е должност на сите и злоупотреби нема да дозволиме. Се отворивме и комплетно како партија за сите кои сакаат да и помогнат на државата. Постојано сме на терен, промените се почнати, граѓаните препознаваат нова перспектива што го отвора патот и кон економска стабилност на семејствата и на државата, рече Заев.
Како што јавуват, на средбата била поздравена посветеноста на СДСМ кон реализација на препораките од Прибе како значаен чекор за евроинтеграцијата на Република Македонија.