Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски посочи дека дигиталната реформа, како дел од мерките усвоени со #ПланотЗаБорбаПротивКорупција е еден од клучните начини за борба против корупцијата и криминалот.
„Основниот суд Кавадарци е првиот суд во Република Северна Македонија кој применува онлајн судење во време на пандемија од коронавирус и на овој начин веќе има изречено казни во кривични предмети. Овој суд служи како одличен пример и е на највисоко ниво во употреба на дигитални алатки и технички средства“, истакна Николовски.
„На денешната средба со претседателот на судот во Кавадарци, Лазар Нанев, ја истакнавме зголемената потреба за дигитализација во судството која ја наметна светската пандемија, за потребата од дигитална трансформација на сите нивоа во правниот систем, и за се она што им е потребно на судовите за спроведување на тој процес“, нагласи Николовски.
