Средба меѓу министрите за внатрешни работи на Македонија и на Косово, Eве за што разговарале!

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски денеска се сретнал со Бејтуш Гаши, министер за внатрешни работи на Република Косово.

Досегашната соработка помеѓу двете министерства е оценета како успешна,  и на политичко и на оперативно ниво. Министрите разговарале за превземање на понатамошни активности за олеснување и подобрување на протокот на патници на граничните премини помеѓу двете држави.

„Интерес на двете министерства е унапредување и продлабочување на билатералната полициска соработка со цел да се зајакне борбата против организираниот криминал и другите облици на криминално дејствување“, соопштва МВР.

Министерот Спасовски ги презентирал досегашните искуства и работа на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди кои се насочени кон утврдување на непрофесионално и незаконито постапување на полициските службеници и вработените во Министерството за внатрешни работи.

Тој посочил дека Одделот соработува и со граѓанските организации и Народниот правобранител и го запознал својот колега со новиот модел на воспоставување на независен надворешен механизам за контрола над полициското работење.

Министрите се договориле во претстојниот период да се спроведат заеднички посети и средби на експертско ниво, во интерес на унапредување на постојната соработка и заедничко справување со глобалните безбедносни и сигурносни закани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e