Името „Нова Македонија“ минатата недела исплива како можна солуција за деценискиот спор меѓу Македонија и Грција. Но предлогот не е дело на преговарачот Нимиц, ниту на Скопје или Атина, туку на експерти од двете држави.
Во грчката јавност деновиве на големо се шпекулираше со можното ново име кое би произлегло од преговорите во спорот за името меѓу Македонија и Грција. Едно од најчесто споменуваните, кое беше пренесено и во македонската јавност, беше „Нова Македонија“. Иако медијаторот Метју Нимиц и пред и по состанокот со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски во Брисел, рече дека не дал нови предлози, јавноста и медиумите – гладни за информации во речиси херметички затворените преговори – побрзаа да му дадат големо значење на овој предлог.
Во тој контекст, грчкиот весник Катимерини викендов информира дека Нимиц нема да излегува со нов предлог за името во овој период, но кога тоа ќе го стори, предлогот веројатно ќе се држи до рамката: сложено име со географска одредница.
Полутајни состаноци
Ни Скопје, ниту Атина, по традиција не ги коментираат формалните и неформални предлози за името на државата кои се споменуваат веќе со децении. Ретко кога јавноста во двете држави добиваше официјални содржајни информации и од средбите на преговарачите со Нимиц, или од билатералните состаноци на министрите за надворешни работи. Но, по промената на власта во Македонија и обидот да се промени климата во односите меѓу двете соседни земји, во засилените напори за изнаоѓање заеднички јазик за отворените прашања се вклучуваат и интелектуалци и експерти од обете земји. Ни тоа, само по себе, не е новина, затоа што слични обиди имаше и во минатото, но разликата е што овојпат и состаноците на невладините претставници се одвиваат зад затворени врати и далеку од очите на јавноста во двете држави. Еден таков состанок е одржан на 18 ноември годинава на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија. (Според информации на ДВ планирано било одржување на уште еден состанок во поширок состав во еден европски главен град на почетокот на декември, но немаме официјална потврда дали тој се случил и кој учествувал на него).
Целиот текст на Дојче веле прочитајте го тука