Спасовски: За прв пат е воведен принцип на надворешна контрола на полицијата

Потпретседателот на Владата, Спасовски на денешната трибина во Куманово посочи дека суштинските реформи кои се преземени, се со цел да се воведат нови вредности со кои ќе се врати довербата во институциите и партнерскиот однос меѓу нив и граѓаните.

„Ќе споменам само два настани кои се случија и кои го креираа таквото мислење на недоверба кон Министерството за внатрешни работи, а тоа е прислушувањето кога беа нарушени човековите права и настаните од 27-ми април во Собранието на Република Северна Македонија“, посочи вицепремиерот Спасовски додавајќи дека помина времето кога интересите на криминогените групи беа водени директно од власта.

Вицепремиерот Спасовски во своето обраќање се задржа на реформите на безбедносните служби, вклучително формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која, како што оцени е со цел да се надмине стравот на граѓаните дека државата нелегално следи и прислушкува, како и овозможениот систем на повеќестепена контрола од судската власт, од Парламентот и граѓанскиот сектор како придобивка за гарантирање на човековите права и слободен развој на економијата.

„Ќе напоменам дека во тек е реформата на безбедносните служби и законските решенија се веќе во Собранието на РСМ, за формирање на посебна Агенција за национална безбедност која треба да почне да функционира од први јуни кога ќе се завршат сите постапки“, оцени Спасовски, кој додаде дека за прв пат е воведен принцип на надворешна контрола на полицијата и формирање на национални  тела за борба против корупцијата, тероризмот и националниот екстремизам  кој веќе даваат резултати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e