Техничкиот премиер Оливер Спасовски во вечерашното интервју во “Топ тема” на Телма телевизија го оцени како стратешка одлука вториот сет мерки кои денес беа презентирани од страна на Владата бидејќи во услови кога имаме светска здравствена криза од исклучителна важност е да овозможиме економијата да преживее:
“Ова е одлука која е стратешка одлука на Владата во услови на криза и оваа здравствена криза секако дека има ефекти врз економијата и тие една со друга се детерминираат. Врвен приоритет е здравјето и животот на граѓаните. Затоа голем дел од ресурсите ги насочуваме кон оваа цел за да се заштитат луѓето и да се намали ризикот од ширење на вирусот. Колку помалку ќе трае оваа здравствена криза, толку подобро ќе биде за економијата.
Вториот сет на мерки кој го понудивме има за цел да помогне на реалниот сектор бидејќи е важно после завршувањето на кризата да преживее економијата. Токму во тој дел се насочени мерките, да помогнеме на работниците, на работодавачите и на самите граѓани. Финансиските средства веројатно нема да бидат доволни и ќе има потреба да се носат и нови мерки и тоа како Влада ни е јасно.” – истакна Спасовски.
Во однос на критиките кои се јавија после објавувањето на вториот сет на мерките Спаосвски со коментар:
“Ова се мерки кои дошле до Владата од сите страни: политички партии, стопански комори, синдикати, поединци и истите ги разгледувавме за време на состаноците на Економскиот совет низ една опсежна дебата. И во Владата и во Економскиот совет се вклучени сите, таму има и претставници од опозицијата.
Овие мерки се мерки кои помагаат првенствено на микро и на малите претпријатија во овој период. Јас знам дека компаниите сакаат во овој момент да добијат сè. Сакаат и платени придонеси од државата, да ги платиме платите, кирите, се што може да се направи. Меѓутоа прашањето е какви се можностите на државата. Колку е тоа можно да се направи. Можеби ќе има потреба овие мерки да се зголемуваат во наредниот период и ние тоа ќе го правиме на еден најсоодветен начин. Точно е дека здравствениот сектор е врвен приоритет за сите нас, тој ја детерминира економијата и на нив треба да им помогнеме. ” – заклучи техничкиот премиер Спаосвски.