Утре во Собранието ќе се одржи собраниска седница на која ќе се разгледува владината Информација за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена на 30 јуни од претседателството на Франција, додека пак во изминативе девет дена секојдневно пред Владата и Собранието се одржуваат протести против овој предлог.
Протестите во еден момент и ескалираа, што резултираа со 54 повредени полицајци.
Сепак министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека не очекува да биде нападнато Собранието, како на 27 април 2017 година кога вратите беа отворени и народот влезе во Собранието.
Тој вели дека не сака да прави корелација со 27 април, односно со тој црн ден за македонската демократија.
„Јас го поздравувам демократскиот дух на протестите од последните неколку денови и оттаму очекувам дека протестите и за време на собраниската седница утре, ќе бидат во тој дух. Собранието е местото за демократска дебата, таму се изнесуваат сите ставови и несогласувања“, вели Спасовски.
Тој порача дека во секој случај, МВР е подготвено максимално да ја обезбеди таа дебата во Собранието, но и надвор од него.
