Ми претставува особена чест и задоволство во мое и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија да ве поздравам, да ви посакам срдечно добредојде во Охрид и успешна и продуктивна работа на Финалната планирачка конференција за реализација на првата „НАТО-ЕАДРЦЦ” меѓународна вежба од овој вид и со ваков карактер, која е планирана да се реализира во септември во нашата држава, рече министерот Оливер Спасовски во поздравното обраќање на отварањето на финалната планирачка конференција.
„Заедничките евроатлански вредности претставуваат основен сегмент и суштински двигател на меѓусебно приближување на државите од регионот и надминување на сите бариери од минатото. Оттука, сосема логично се очекува сите земји во регионот посветено да се сосредоточиме кон заедничките вредности и цели насочени на превенирање на конфликтите, одржување на мирот и стабилноста, владеење на правото без исклучок, со почитување на меѓународното право, заштита на човековите права и слободи и мирно решавање на сите спорови и недоразбирања, бидејќи само така можеме да обезбедиме гаранција за просперитетот, одржливоста и стабилноста на државите. Република Северна Македонија во последниов период покажа на дело дека тоа не само што е можно и посакувано, туку е единствено прифатливо решение за современите предизвици. А кога сме веќе кај справувањето со предизвиците од поново време, со кои се соочуваме како држави, меѓу кои би ги споменал: организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и, секако, насилниот екстремизам и тероризам, пандемијата со Ковид-19, за нив е неопходен современ, регионален пристап и заедничка стратегија за делување.Како одговор на ова, сценариото на вежбата предвидува во неа да бидат вклучени: елементарна природна непогода, организиран криминал, нелегална миграција, компјутерски криминал и сајбер напади, лажни вести, спасување и укажување на помош на граѓаните при епидемија со вирус, кои претставуваат одлична основа за развивање на капацитети и способности за соодветно спротивставување, сузбивање на овие криминални дејствија и преземање на конкретни мерки и активности”, рече министерот Спасовски.
Цивилната подготвеност и одржувањето на континуитетот на функционирање на институциите при справување со кризни и сложени безбедносни состојби е од круцијално значење и основна обврска на членките на НАТО Алијансата при градењето на отпорност кон сите закани и предизвици, постигнување на интероперабилност и заштита на животот, имотот и личната сигурност на граѓаните. Бидејќи безбедносниот систем е основа на функционирање на правната држава!
„Министерството за внатрешни работи, согласно својот делокруг на надлежности, токму во безбедносната сфера во последниве неколку години презеде низа активности поврзани со целосна реформа на овој сектор, а како интегрален дел на Системот за управување со кризи е во постојана комуникација, координација и соработка со останатите субјекти кои се дел од овој систем. Притоа, уште еден чекор понапред претставува дигитализацијата на Системот за управување со кризи во Република Северна Македонија, со примена на веб базираната алатка НИЦС (Неџт Генератион Инцидент Цомманд Сѕстем), што секако ќе придонесе за унапредување на комуникацијата и координацијата помеѓу субјектите кои се дел од Системот за управување со кризи”, рече Спасовски, потенцирајќи ја максималната поддршка за успешна реализација на Првата меѓународна НАТО вежба од ваков вид, со уверување дека Министерството за внатрешни работи во континуитет ги презема сите мерки и активности за нејзини непречени подготовки.