Во вечерашното предизборно соочување на телевизија Телма на дел од носителите на кандидатските листи во ИЕ 2, техничкиот премиер Оливер Спасовски како носител на кандидатската листа на коалицијата “Можеме”, запрашан за коментар дали границите на нашата земја ќе останат затворени и после изборите и како го коментира фактот дека ЕУ нè стави на листата на земји кои не можат да влезат во нејзините граници, Спасовски со коментар:
“Одлуките што ги носиме во овој дел се пред сè за заштита на здравјето и на животот на граѓаните и тие не се детерминирани од изборната кампања, ниту од денот на одржување на изборите. Ние ја донесовме таа одлука врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести затоа што секаде во регионот имаше приближно иста епидемиолошка слика во врска со коронавирусот. Голем дел од третите земји не можат да влезат во земјите членки на ЕУ, иако тоа се очекуваше дека ќе се случи од 15 јули, меѓутоа овие одлуки кои ги носиме не само кај нас, туку и во регионот и во светот се менуваат и тие трпат измени врз основа на тоа што се случува и какви се трендовите на ширење на вирусот. Ние тие мерки ги дискутираме секое утро на главен штаб во Владата.
Секој од граѓаните прес сè е свесен во каква ситуација се наоѓаме. Ако се стабилизира ситуацијата не само кај нас, туку и во регионот, повторно одлуката за патување на граѓаните нема да биде базирана само на тоа што се случува тука туку и во останатите земји. Ние овие неколку дена имаме некаква стагнација на бројката, покажува некаков тренд на опаѓање и очекуваме трендот да спласнува, но сè уште се големи бројките. Ние мораме да правиме сè за да се заштитиме самите себеси и да го пресечеме патот на вирусот” – истакна Спасовски.