Спасовски: Нема никаква врска упадот во 3 фирми на Камчев со сведочењето за „Рекет“

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, во емисијата 360 степени изјави дека упадот во трите фирми на бизнисменот Орце Камчев и неговото сведочење во судот за случајот „Рекет“ се коинциденција и немаат никаква поврзаност. Тој додава дека случајно се погодил ист период и дека нема никаква позадина целиот случај.

-Основното јавно обвинителство побара од МВР да се влезе во 3 фирми на Орце Камчев, да се прибави документацијата и да се утврдат одредни факти кои се добиени по сознание од Државниот завод за ревизија. Не сакам да изнесувам детали за случајот бидејќи се наоѓа во истражна постапка. Ова се работи врз основа на сите наредби од надлежните органи. Коинциденција е тоа што Камчев требаше да сведочи во суд, вели Спасовски.

За упадот во трите фирми на Камчев, станува збор за долг на сметката за финансирање на Гордана Силјановска Давкова за претсдателските избори. Според информациите кои излегоа во јавноста, постои основано сомнение дека фирмите на Камчев противзаконски ја финансирале кампањата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, односно со сума над дозволената.

-Се проверуваат сите фирми кои имале врска со набавките. Овде постојат сомнежи, тие треба да се потврдат или отфрлат во текот на истрагата. Наша должност е да ги преземеме сите можни чекори да се обезбедат докази за постапката, вели Спасовски.

Министерот за внатрешни работи вели дека сите политички партии мора да ги почитуваат законските решенија особено поради тоа што изборниот законик е донесен со консензус.

-Сите учествуваат во подготовка и примена на законското решение. Секоја од партиите треба сериозно да води сметка за трошењето пари, вели Спасовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e