Tехничкиот премиер Оливер Спасовски, во вечерашното гостување во “Клан дебата” на ТВ Клан, нагласи дека не смееме да си дозволиме предлого да живееме во вонредна состојба, бидејќи мора да се навикнеме на фактот дека вирусот нема да исчезне и мора да се приспособиме на “новата нормалност”:
“Нормалната состојба која беше пред пандемијата со коронавирусот не е состојба која ќе се врати сега. Сè уште нема вакцина за овој вирус. Врвни експерти-епидемиолози од земјата и од странство велат дека ние треба да се навикнеме на Ковид-19, дека ќе живееме со него. Ама јас не се согласувам со тоа дека ние треба постојано да живееме во вонредна состојба, јас сметам дека ние треба да направиме сè и да се прилагодиме на новата нормалност која е пред нас.
Сега вируленцијата на вирусот се намалува и како резултат на високите температури, факт е дека и СЗО ни укажува дека од есен или зима ќе ни се врати повторно интензитетот на епидемијата. Ако тоа е така, тогаш државен интерес е да ги комплетираме институциите на избори и тоа во период кога е можно тоа да се направи, никој не вика да го направиме тоа веднаш, сега или за три дена. Но, да го направиме тогаш веднаш кога ќе се воспостават услови за таква работа, 21 јуни или 28 јуни на пример. Меѓутоа, ако сите ни викаат дека наесен е можно враќање на вирусот, како тогаш ќе ги вратиме институциите? Или постојано ќе живееме во вонредна состојба? Тоа е бесмислено. За нас е сосема неважно којо е конкретниот датум кога ќе се одржат изборите, туку да се одржат во време кое дозволува да се комплетираат државните институции” – заклучи Спасовски.