Австриецот Волфганг Гампер осомничен за соизвршителство во местење на 11 милионскиот тендер за одржување на Владата, се наоѓа во земјава и има забрана да ја напушти. Освен поранешниот директор на СОЗР Васе Доневски кој доби 30 дневен притвор, изречени се мерки и за сопственикот на компанијата Секјуриком. На австрискиот државјанин му е одземен пасошот и ќе мора да остане во Македонија додека трае постапката.
„На второосомничениот му се изречени мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање. Согласно чл.146 ст.2 од Законот за кривична постапка, мерките на претпазливост може да траат додека постои потреба, а најдолго до правосилноста на пресудата.“ – велат од ОЈО.
Истрагата на финансиската полиција покажала дека Доневски и Гампер во соработка со уште шест други фирми прикажале лажна конкуренција и ја избегнале електронската аукција. Четири фирми во сопствеништво на Волфганг Гампер и уште три други изразиле заинтересираност за тендерот, но само Секјуриком успеала да обезбеди услуги од 5 различни дејности. Другите Трите фирми, според финансиската полиција, се блиско поврзани со Секјуриком.
Овие компании се дел од истрагата на финансиската полиција, но нивната одговорност ќе се утврдува во следната фаза. Сопственикот на Секјуриком, пред пет месеци за Телевизија 24 рече дека не е нелегално да поседува повеќе фирми.
„Бидејќи сме блиски и можеме да правиме се во секоја компанија. не е забрането да се поседуваат три или четири компании. Не сме единствената компанија која е повеќе од добредојдена овде.“ – вели Волфганг Гампер – сопственик на Секјуриком.
Сомнежите за владиниот тендер тежок 11 милиони евра, јавноста дозна од новинарските пишувања, а како што соопштија од финансиската полиција, истрга е отворена дури пред три месеци. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во чие време е склучен тендерот, реагираше на вчерашната прес конференција на финансиската полиција, нарекувајќи ја циркуз за да се дефокусира јавноста од антидржавните политики.
Извор: 24 телевизија