На Вонреден конгрес во Охрид денеска Сојузот на синдикати на Македонија ќе го избере новиот претседател.
Сојузот на синдикати (ССМ), на 3 ноември одлучи Советот на ССМ дека единствен кандидат за претседател е Дарко Димовски кој доаѓа од СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните работилници). За таа одлука ‘за’ гласале 35 членови од Советот, осум биле против, а три гласа се воздржани.
Покрај Димовски, за местото претседател на ССМ конкурираа и претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Ацо Антовски. Нивните кандидатури не поминаа на седницата на Претседателството на ССМ, според кое, тие не ги исполниле условите за кандидатура.
Грујовски во изјава за „Newaroom“ вели дека е одбиен спротивно на статутот.
„Не добивме ништо со смената на Живко Митревски од челната позиција на ССМ. Со исти методи на Живко Митревски сега се служи Дарко Димовски. Тоа не е добро за ССМ, за сите синдикати. Чинот на избор на кандидатурите не беше демократски, спротивен на правилата“, вели Грујовски.