Следниот месец започнува изградба на експресниот пат Ранковце-Кр.Паланка

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање информираше дека е започнат инвестициски циклус на подобрување на целокупната патна инфраструктура во државата, преку изградба на нови автопати, изградба на експресни и регионални патишта па се до реконструкција на оштетените патни правци кои со години наназад не биле реконструирани, а се суштинска потреба за граѓаните и целокупното стопанство.

„Сакам да потенцирам дека ова е најобемна програма со најголем број на проекти за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата. Практично цела Македонија ќе биде едно големо градилиште“, порача министерот Сугарески.

sugareski

Тој истакна дека оваа година ќе заврши изградбата на двата автопати Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип и изрази очекување дека до април ќе се пушти во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица. Министерот Сугарсеки објасни во детали дека ќе продолжи и изградбата на автопатот Кичево – Охрид и во наредниот период ќе се направат проценки и анализи и препроектирање на тунел, проектирање на девет клучки, мостови и други позиции по што ќе се утврди износот на дополнителни средства.

„Годинава ќе завршиме и со рехабилитација на автопатската делница Неготино – Демир Капија во двата правци која беше најоштетена на Коридорот 10. Претходно завршиме со целосна реконструкција на делницата Миладиновце-Куманово и обратно од Куманово до Миладиновце како и делницата Смоквица-Гевгелија. Сакам да нагласам дека оваа година ќе имаме комплетно реконструиран, брз и безбеден автопат на Коридорот 10“, соопшти министерот Сугарески.

Министерот Сугарески информираше за отпочнувањето на изградба на три нови експресни патни правци Штип – Радовиш, втората фаза од патниот правец Прилеп – Градско и до Ранковце до Крива Паланка, инвестиции во висина од 100 милиони евра.

За експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка во тек е процедура за вадење на одобрение за градење, и кога ќе заврши целата постапка, а тоа очекуваме да биде следниот месец, веднаш ќе започнеме со изградба, потврди Сугарески.

„Како отворена и одговорна Влада, политиките што ги преземаме во делот на инфраструктурата се во насока на обезбедување на два клучни моменти; прво економско зајакнување на Република Македонија и второ, обезбедување на квалитетен живот за сите граѓани на оваа држава“, рече министерот Сугарески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e