СЈО отвори истрага “Попис” во која се обвинети Груевски и Ахмети

Првата истрага која ја презентираше денеска СЈО се води под името „Попис“.

Истата се води против две лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во месец октомври 2011 година во Скопје осомничените, искористувајќи ги своите овластувања како одговорни лица – претседатели на политички партии, свесни дека поради нивните дејствија ќе настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување, ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 175.123.909,00 денари.

Имено, постои основано сомнение дека со цел, како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во Република Македонија, што резултирало со огромното иселување од Република Македонија на работоспособното население, осомничените помеѓу 10.10 и 11.10.2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.

Воедно, со цел да избегнат одговорност за која од разговорите произлегува дека се свесни дека постои, се договориле причините за стопирање на пописот преку средствата за јавно информирање и преку партиските соопштенија да ги презентираат како проблеми од техничка природа и од некадарноста на државната пописна комисија и Заводот за статистика, иако уште со донесувањето на Законот за попис и законските решенија во истиот се овозможува различно толкување на Законот и неизвесност за законито негово спроведување, што го нотира Еуростат во својот извештај.

После договорот на осомничените, со образложение дека со отпочнување на примената на законот се појавиле недоследности и недоречености во примената на одредби од законот како резултат на недоволен временски период за подготовка и обучување на учесниците во спроведување на пописот, а посебно на реонските инструктори и реонските попишувачи и, имајќи ги предвид утврдените законски рокови за спроведување на пописот во Република Македонија во 2011 година, како и фактот дека целта на законот е да обезбеди квалитетно спроведување на планираниот попис, Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија предложила да престане да важи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година, па посредно преку парламентарните групи како гласачка структура на политиката на лидерите на овие две партии на ден 15.10.2011 година бил изгласан закон со кој престанува да важи операцијата на попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.

Меѓутоа, ако се видат причините поради кои е предложено да престане да важи Законот за попис, ќе се забележи дека тоа се причини истиот да се одложи со закон, па да се подобрат законските решенија според стандардите кои ги бара Еуростат, да се обучат попишувачите и останатите учесници и да се спроведе операцијата на попис, согласно меѓународните стандарди.

На тој начин, потрошените парични средства за спроведувањето на пописот до моментот на одложувањето, кои се искористени за дотогашните обуки, техничка опрема и материјали нема да преставуваат штета и истите би се искористиле во одложената пописна операција.

Сепак, причината за договорот за престанок на пописот, не била во наведеното од Владата, што е видно дека лесно се исправа, доколку има волја за тоа, туку едноставно осомничените сфатиле дека со законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на владејчките ДУИ и ВМРО ДПМНЕ и со тоа на нив самите како лидери на овие партии, па водејќи се пред сѐ од лични интереси, интереси да ја задржат моќта во општеството, одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија во значителен износ од 175.123.909,00 денари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e