СЈО ги проверува сметките на Груевски, Мијалков, но и на нивни роднини

Специјалното јавно обвинителство ги проверува банкарските сметки на поголем дел од поранешните функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Се истражува колку сметки поседуваат во деловните банки во Македонија.  Алсат М неофицијално дознава дека СЈО освен нивните лични сметки, ги проверува и сметките на членовите на нивните семејства.

Се истражува временски интервал од неколку години наназад. Со наредба од СЈО, банките книжат извештаи за трансакциите на активните сметки. Се проверуваат приливите, плаќањата, но и потеклото на парите кои легнале на сметките.

Анализи се правеле и на веќе затворени сметки – колку пари легнале и на нив и по кој основ. Неофицијално, СЈО освен проверка на сметките на екс-премиерот Никола Груевски, ги проверувало и сметките на негови роднини.

Се истражувале и банкарските приходи на неговиот братучед Сашо Мијалков кој речиси 10 години беше директор на тајната полиција. Не се изземаат ниту останатите членови на ВМРО – ДПМНЕ кои за време на децениското владеење беа дел и од партискиот и од државниот врв.

Од Специјалното јавно обвинителство ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата. Кусо одговориле дека не коментираат евентуални предистражни постапки и дали проверката на банкарските сметки се дел од можеби веќе започнати предмети.

Пред речиси два месеца, СЈО соопшти дека Груевски поседува 35 банкарски сметки, а поранешниот вицепремиер за економија, Владимир Пешевски, имал 27. Катица Јанева овие податоци ги објави како дел од обвиненијата за случаите „Титаник“ за изборни нерегуларности и „Тракеторија“ за можни провизии од кинеските автопати. Според податоците, Груевски поседува сметки во шест деловни банки. На 20 денарски сметки има речиси 10 милиони денари, а на 14 девизни сметки поседува над 42 илјади евра. Пешевски од 27 има 24 активни сметки чија сума не беше објавена.

СЈО не успеа со обвинение да ја финишира истрагата „Талир“ преку која требаше да се дознае дали преку партиската каса на ВМРО – ДПМНЕ, партискиот врв евентуално перел пари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e