Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска /30.10.2017 година, понеделник/, одржа средба со претставниците на градскиот штаб за зимско одржување на сообраќајниците во Скопје. На средбата присуствуваа членовите на штабот од градската администрација, скопските општини, градските јавни претпријатија, сообраќајната полиција и од други субјекти вклучени во организацијата и одржувањето на улиците.
Средбата беше прва координација на која заеднички се разгледаа тековните состојби и неопходните чекори коишто ќе треба да се преземат во техничка, материјална и во персонална смисла, а со цел што поподготвено да се стартува на почетокот на сезоната од 15 ноември годинава.
За таа цел беше побарано да се решат сите приоритетни проблеми, а координациите ќе продолжат и во наредниот период којшто претстои до почетокот на сезоната, со што би се постигнал повисок степен на подготвеност. За да се постигне поголем ефект во одржувањето на улиците и на јавните површини во зимски услови, градоначалникот Шилегов за зимското одржување ќе разговара и со градоначалниците на скопските општини, во делот на нивната надлежност на првата координација, се вели во соопштението.