Ги живееме последиците од повеќедецинската негрижа за животната средина и амбиенталниот воздух. Со граѓаните упорно зборувам за решавање на проблемот. Сепак, за разлика од минатото, индексите беа уште по големи, и во минатото луѓето од централната и локалната власт не излегуваа да говорат за тоа. Не гледавме посветеност и активни мерки за решавање на аерозагадувањето, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
-Има решенија за аерозагадувањето и полека ги имплементираме, решаваме проблеми кои се стари 30 години. Ова е прв пат овој град да го води левицата освен кога беше Ристо Пенов градоначалник. Во тие 30 години му се случи на овој град само во мал ринг да загуби 30 отсто од зеленилото, му се случи да влезат голем број дизел возила, на овој град му се случи во една контроверзна постапка топлификацијата да биде дадена на концесионер кој не ја развива. Тоа се главните извори на загадување на градот, а притоа немавме активна политика за средување на овие работи, вели Шилегов.
Тој тврди дека откако е на градоначалничката функција, градот има донесено 28 постапки против аерозагадувањето меѓу кои и одлуката за обука на оџачари.
-Луѓето се семееа кога донесовме одлука за обука на оџачари. Според европската пракса, чистењето на оџаците е задолжително 2 пати годишно бидејќи тоа може да го намали загадувањето од оџаците до 60 отсто, вели Шилегов.
Во однос на фотографиите кои излегоа од фабриката Цементарница Усје, градоначалникот Шилегов вели дека фабриката која поседува А лиценца е во надлежност на Државниот завод за заштита на животната средина и дека тие треба да ја направат инспекцијата. Што се однесува до оние фабрики со лиценца Б кои се во надлежност на Град Скопје, Шилегов вели дека истите се под перманентен надзор и се врши редовна инспекција. Резултатите кои произлегуваат од истите, како што вели тој, се во рамките на дозволеното