Шилегов: Ангажираме стотици невработени лица во голема акција за чистење на Скопје

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска најави дека од четврток почнува голема акција за чистење на главниот град.

– Град Скопје во соработка со Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика ангажира стотици невработени лица кои заедно со надлежните јавни претпријатија ќе ја спроведат оваа акција. Ова е една од краткорочните мерки против загадувањето на Скопје оваа зима, рече на прес-конференцијата Шилегов.

Евидентно е, како што рече, дека загадувањето се должи и на наталожената прашина на нашите улици, која со години стои неисчистена. Планираме таа прашина да ја тргнеме од улиците.

– Секоја општина со целата своја механизација заедно со градските јавни претпријатија и ангажираните лица ќе чисти во точно определени денови. Почнуваме од Бутел, а потоа ќе продолжиме во другите општини. Предвидени се по ден-два за секоја општина во зависност од нејзината големина. Откако ќе завршиме со чистењето на општините, ќе се чисти кејот на реката Вардар, истакна Шилегов.

Акцијата за чистење на Скопје ќе се реализира секоја есен и пролет и предвидено е да стане традиционална.

– Промената почнува од секој од нас. Ние сме пример за нашите деца, внуци, за најмладите и затоа ги повикувам сите граѓани, сите општествено одговорни фирми, институции и невладини организации да ни се приклучат и да помогнат во оваа акција за чисто Скопје, за незагадено Скопје, потенцира Шилегов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e