Шест години од петкратното убиство крај Смилковско Езеро, на повидок решение?

И по шест години од убиството на петтемината кај Смилковско Езеро, случајот Монструм сè уште е без фер судење. По враќањето на предметот од Врховниот суд и ослободувањето од затвор на обвинетите, со овој случај ќе се занимава Специјалното јавно обвинителство. Повторното судење за „Монструм“ ќе започне на 17 април, кога СЈО ќе ги каже воведните зборови. Тука можеби  и почнува решението на овој повеќегодишен случај, со оглед на тоа дека и премиерот Заев најави дека постојат аудио материјали кои можат да помогнат во откривање на вистината. Членовите на семејствата на осомничените очекуваат фер судење.

„Доста беше страдање. Денеска е шестата годишнина од убиствата крај Смилковско езеро, што случајно се совпаѓа со четвртокот. Мислам дека постојат услови за расветлување на случајот, бидејќи СЈО го презема под своја надлежност и овие денови ќе биде изгласан и Законот за заштитени сведоци што е побарано од страна на СЈО. Верувам дека ќе има фер судење и се надевам да се случи наскоро“, изјави Бедри Ајдари, роднина на осомничен

Премиерот Зоран Заев очекува целосно да се реши случајот. Тој истакна дека имал средби со членовите на семејствата на жртвите и на осудените лица, додавајќи дека за процедурата, истрагата, доказите и за вистината треба да зборуваат правните органи.

Правдата ја чекаат и семејствата на жртвите, од кои некои истакнаа дека се сомневаат во првиот судски епилог и дека треба да се пронајдат сторителите на убиствата. На 24 ноември, Врховниот суд одлучи за враќање на случајот „Монструм“ на повторно судење. За оваа одлука гласаа шесте членови на групата судии: Јово Вангеловски, Рахилка Стојановска, Ристо Катавановски, Џемали Саити, Фаик Арслани и Шпенд Деваја. На 1 декември 2017 година, Сами Лута, Хаки Азири и Агим Исмаиловиќ беа ослободени од затвор, додека Фејзи Азири беше ослободен поради здравствени причини од затворот во Штип. Ослободените, судот ги обврза за нивно пријавување во судот. За петкратното убиство ктај Смилковското Езеро во 2012 година на доживотен затвор беа осудени шест лица: Халил Демири, Хаки Азири, Фејзи Азири, Сами Лута, Африм и Агим Исмаиловиќ. Од обвинението беше ослободен Рами Сејдии. Одлуката за доживотен затвор предизвика насилни протести кои завршија со казни до пет години затвор. По одлуката да се врати предметот „Монструм“ на повторно судење и осудените за протестите бараат докажување на нивната невиност и надомест за последиците од судската одлука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e