Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, вчера беше меѓу граѓаните на Охрид, каде оствари средби со поддржувачи на партијата.
Како што информират од владејачката партија, на средбата со граѓаните се разговарало за мерките од програмата на Владата, за придобивките од приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, како и за други актуелни прашања.
„Новата Влада промовира нов стил на транспарентно функционирање во чиј центар се граѓаните и нивните потреби, го слуша гласот на граѓаните и делува во интерес на граѓаните“, рекла Шекеринска.
На средбата, потпретседателката на СДСМ изјавила дека само во првите 6 месеци владата успеала да ги зголеми минималната и просечната плата за 90 илјади граѓани.
„Доколку продолжиме со овој ритам без никаков сомнеж до крајот на 2019 година просечната плата ќе достигне до 30 000 денари. Ја укинавме радио-дифузната такса, ја вративме евтината тарифа за струја, парите ги враќаме кај граѓаните. Знаеме, ова е само почеток, посветени сме на подобрување на животот на сите наши граѓани и резултатите ќе бидат многу повидливи многу скоро“, рекла Шеќеринска.
Таа се осврнала и на евро-интеграцискиот процес и враќањето на Македонија на патот на интеграциите потенцирајќи го значењето за граѓаните од членството во ЕУ и НАТО.
„Видовме за краток период што значи за економијата, пријателство со соседите и соработката во комбинација со вистинските економски политики. За првите три месеци од годинава имаме 235 милиони евра странски инвестици во земјава, рекордно за во изминатите 12 години. Инвестициите значат повеќе пари, повеќе можности за нови работни места и за повисоки плати. Кога зборуваме за ЕУ и НАТО, зборуваме токму за тоа, подобар и поквалитетен живот на граѓаните, функционални институции, правна сигурност, безбедност и повеќе пари кај граѓаните“, нагласила Шекеринска.
Извор: Макфакс