Шахпаска: Силна поддршка за работата на Националниот совет за безбедност и здравје при работа

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа (БЗР), проф. д-р Чаловска и проф. д-р Караџинска Бислимовска, членка на Советот на БЗР.

Од МТСП информираат дека на средбата се разговарало за значењето, начинот на работа и дејствувањето на Советот за безбедност и здравје при работа, како највисоко експертско советодавно тело на Владата на Република Северна Македонија.

Претставничките на Советот на БЗР информирале за досегашната работа и реализирани активности, кои во изминатата година главно беа во знакот на заштитата и справувањето со ризиците поврзани со пандемијата на КОВИД-19.

– Безбедноста и здравјето при работа има огромно значење за нас како општество и затоа треба сите ние заеднички да работиме на негово унапредување и во легислативна смисла, но и во неговата имплементација, посочи министерката Шахпаска.

Таа ја истакнала важноста на подготовката на новото законско решение за безбедност и здравје при работа кое треба да одговори на потребите на едно современо општество, на кое безбедноста и здравјето на работниците му е високо на агендата на неговите приоритети.

На средбата станало збор и за активностите поврзани со изготвувањето на нова Стратегија и Акциски план за безбедност и здравје при работа, имајќи предвид дека периодот на важност на тековната Стратегија и АП изминува и тие треба да бидат заменети со нови стратешки документи.

– Улогата на Советот во овие процеси ќе биде од клучно значење. Важно да се има предвид дека во истиот овој период веќе е во тек и подготовката на новата Стратешка рамка на ЕУ за БЗР за периодот 2021-2027, која е важна за нас земја – кандидат за членство во Унијата и треба да ги имаме предвид, велат од МТСП.

Шахпаска нагласила дека ресорното министерството ќе продолжи со заложбите за унапредување на здравјето на работниците и безбедноста на работните места, како и превенцијата од несреќи и заболувања поврзани со работата и работните места.

Соговорниците изразиле задоволство за остварената средба и поддршката која ја дава Министерството за труд и социјална политика кон ова тело, што ќе придонесе за поголема видливост на работата на Советот за БЗР, при што беше потенцирана и заедничка подготвеност за уште поголемо продлабочување на соработката во наредниот период.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e