Законот за зголемување на пензиите од 1 јануари не претставува ад хок решение, туку дел од нашето предизборно ветување. Како расте минималната и просечната плата, така ќе растат и пензиите. Покачувањето на минималната плата за 15 отсто и покачувањето на просечната плата за 5 отсто доведе до откочување односно пензиите да бидат покачени за 700 денари. Зголемувањето на бројот на вработени повеќе од 60 илјади за само 2 години и порастот од 4 илјади и 500 денари на просечната плата доведе до пораст на пензиите. Исто така БДП се зголеми за 4 отсто, изјави пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска.
Таа истакна дека зголемувањето на пензиите би била уште поголема доколку не требало да се затвора дупката од 19 милијарди денари во фондот за здравствено и пензинско осигурување кое настанало, како што вели Шахпаска, во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година пред избори донесе зголемување на пензиите за 500 денари. ВМРО-ДПМНЕ ќе не доведеше во ситуација 2030 година да нема средства во ПИОМ, дупката од 2.5 милијарди денари во времето на ВМРО-ДПМНЕ се зголеми повеќе од 19 милијарди денари. Мораше фондот да го застанеме на здрави нозе, вели Шахпаска.
Пратеничката од СДСМ додава дека оваа влада за прв пат исплаќа пензии веќе 11 месеци без позајмица од буџетот.