Парламентарното мнозинство може да се прошири, но не и да се намали. Зијадин Села уште еднаш ги отфрли гласините за можно излегување на Алијансата за Албанците од Владата. Според него, оној кој најмногу бара заминување на Села од Владата е ДУИ на Али Ахмети. Но, тоа според него, нема големо значење бидејќи вели – примарно ни е исполнувањето на ветените реформи. Желбата на ДУИ, Алијансата да ја напушти Владата може да се исполни само ако извршната власт почне да личи на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели Села.
„Ние сме дел од владата бидејќи преземавме обврски за продолжување на реформите и за да бидеме во владата како дел што секогаш ќе алармира кога оваа влада ќе изгледа како минатата. Ние во моментов сме дел од Владата. Единствениот политички чинител во Владата кој сака Алијансата за Албанците да не биде таму, да нема владина коалиција е ДУИ и Али Ахмети. Ова беше кажано повеќе пати во текот на кампањата, дури имаше и констатации дека Алијансата ја напуштила коалицијата.“ – изјави Зијадин Села – Претседател на Алијансата за Албанците
Иако досега не одржале состанок со СДСМ за можно учество во владата во случај на реконструкција, од движењето Беса велат дека ќе се анализираат сите можности за да станат дел од парламентарното мнозинство, ако станува збор за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.
„Ние сите знаеме дека оваа влада се повикува на реформи и одредени реформи требаше досега да го започнат патувањето на оваа земја кон евро-атлантските интеграции. Гледаме дека досега не постои таков момент, ако има ќе размислиме, а потоа ќе излеземе со конкретен став.“ – рече Фатон Фазлиу – Портпарол на Движењето Беса
Од СДСМ пак, велат дека очекуваат албанските политички партии да станат дел од реформите. Премиерот Зоран Заев минатата недела најави дека ќе ги интензивира средбите со лидерите на албанските политички партии и другите опозициски пратеници за да се обезбеди стабилно парламентарно мнозинство. Во меѓувреме, молк има само од ДПА. Никој од претставниците на оваа партија не сакаат да ги коментираат гласините за нивен можен влез во парламентарно мнозинство, со нивните двајца пратеници. Според неофицијални информации, на ДПА во извршната власт може да и се доверат Министерството за правда, а постојат гласини дека партијата го бара и Министерството за економија за таму да влезе Бардил Даути.