На дел од регулираните професии законот не дозволува вонредно студирање и тоа е во правец на јавниот интерес на државата. Не се дозволува вонредно студирање на Медицинскиот факултет, што и досега е така, но отсега и на наставничките факултети.
Тоа е од јавен интерес, тие студии да се модернизираат, да се зајакнат, за да може во иднина да добиеме подобар производ, не последен на ПИСА, туку ученици кои ќе се придвижат нагоре на скалилата на рангирање на знаењето на учениците.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во
гостувањето на утринската програма на ТВ Алфа.
Многу нешта променивме од стариот закон. Секогаш почнувам од грижата за студентите. Додадовме неколку значајни елементи кои ним им се многу важни.
Дадовме предност во вработување на оние студенти кои ќе се вратат од студиите на првите 100 светски универзитети, на студентите кои се добитници на Инженерски прстен и на најдобрите 10 студенти на универзитетите. Го продолживме нивниот мандат од една на две години во сите тела на факултетите и универзитетите.
Дозволивме нивно вработување на проекти и одредивме колку е минимумот што ќе го добиваат како демонстратори. Сметам дека ова е многу значајно и реакциите се многу позитивни, додаде Јаневска, напоменувајќи дека со предлог Законот за високото образование, чија Јавна расправа започнува денес на Универзитетот „Мајка Тереза“, се предвидуваат и измени кои се однесуваат на организацијата на универзитетите, критериумите за избор во звања.
Во овој момент се дискутираат критериумите за избор во наставно-научните звања и имаме промени каде што бараме повеќе научна работа со објавување на научни трудови во бази на научни трудови како што се Web of science и Scopus. Дополнително на тоа, бараме и цитираност на овие нивни дела на научно-истражувачкиот потенцијал на универзитетите. Законот јасно бара интернационализација на факултетите, поврзување со други, тие може да одлучат со кои, но препорачливо е тоа да е во европскиот простор, да формираат или да организираат заедничка настава во правец на двојни дипломи и многу други промени, структурни промени, кои сметаме дека ќе придонесат за раст на квалитетот на квалитетот во високото образование, напомена
министерката.
Министерството, потенцираше Јаневска, не смее и не може да се меша во студиските програми, тука доаѓа до израз студентската автономија, но законот бара и да се модернизираат студиските програми.
Го менуваме моделот, законот бара модуларност во студирањето, што значи ќе треба нови студиски програми, и со самото тоа што ги зајакнуваме критериумите за избор во звања, очекуваме наставно-научниот кадар малку повеќе да се бави со наука и тоа знаење да го пренесе и на студентите, рече министерката, истакнувајќи дека во минатото имало закон во кој повеќе се барало од наставниците и тогаш нашите универзитети станувале повидливи.
Потоа доаѓа еден друг закон кој драстично ги намалува критериумите и евидентен е падот на рејтингот на нашите универзитети. Сега повторно очекуваме тој да се покрене. Нашите научници, нашите универзитети да кои навистина ги има добри и кои без обврска објавуваат во значајни бази на списанија, треба да станат повидливи, треба да станат препознаени во светот, нашите универзитети да нудат квалитет и да станат повидливи, со тоа да привлекуваат повеќе студенти, вклучително и странски.
Вмрежувањето на наши со други странски универзитети, исто така ќе ги направи универзитетите и наставно-научниот кадар повидливи а студентите од тоа секако ќе имаат бенефит затоа што ќе има размена на искуства. оттука, дефинитивно очекуваме рејтингот на нашите универзитети после извесен број години, да се подобри, изјави министерката Јаневска.
