Се најавува поголема промена во владиниот состав

Испразнетите места кои требаше да се пополнат во Владата, вчерашното напуштање на министерската позиција на Самка Ибраимовски и разговорите меѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети навестуваат поголема промена во владиниот состав.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ вчера потврди дека се завршени разговорите во врска со владиниот состав, а на собраниска седница денеска треба да бидат констатирани оставките на пратениците Васко Ковачевски и Стево Пендаровски.

Ковачевски вчера изјави дека ќе биде прв човек на комбинатот РЕК Битола, додека Пендаровски е избран за Национален координатор на НАТО. На нивните пратенички места ќе бидат Самка Ибраимовски и Далибор Богдановски.

Според Ибраимовски, на неговото место ќе биде назначен Ром интелектуалец, адвокат со големо искуство.

Во изјава за медиумите Ковачевски потврди дека можно е да има поголеми кадровски промени во власта, но смета дека треба да се огласи премиерот Зоран Заев.

– Од она што јас го имам како информација е дека првиот нареден пратеник од листата е господинт Самка Ибраимовски. Тој ќе ја напушти функцијата министер во Владата на Република Македонија. За сите останати кадровски промени очекуваме во текот на деновиве да се огласи премиерот Заев – рече Ковачевски.

Според информациите на МИА, ќе бидат направени и други промени во владиниот состав освен пополнувањето на испразнетите места. Во Владата најверојатно повеќе нема да учествува Алијансата за Албанците, а министерското место за здравство ќе го земе СДСМ.

Изборот на новите членови на Владата би требало да се случи следната недела.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e