Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, бруто домашниот производ во второто тримесечје од 2018 година бележи раст од 3,1 отсто, истакнуваат во партиското соопштение СДСМ.
-Имајќи предвид дека во последниот квартал од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 економијата бележеше пад од – 1,3 отсто, за нешто повеќе од една година, Владата предводена од СДСМ со успешните економски политики успеа да ја стабилизира економијата и да ја придвижи во вистински правец.
Она што е многу важно, јасно е дека придвижувањето на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО позитивно влијае врз економијата. Како што Македонија се доближува до ЕУ и НАТО така расте и економијата.Таквиот процес дополнително ќе се интензивира по влезот во НАТО и по започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ. – се наведува во соопштението.
Со влезот во ЕУ, Македонија станува дел од пазар од 500 милиони потрошувачи, македонската економија станува поконкурентна, се отвораат можности за повеќе инвестиции, нови работни места и засилен економски раст.
Тоа се само дел од економските придобивки од интеграцијата во ЕУ и НАТО. Затоа, сите граѓани на 30 септември треба да излезат на референдумот за иднината и да заокружат ЗА повеќе инвестиции и повисок животен стандард, да заокружат ЗА европска Македонија, тврдат од СДСМ.