СДСМ објави отворен повик за самокандидирање на кандидати за градоначалници на општините и град Скопје за локалните избори 2021 година.
Врз основа на Статутот на Социјалдемокатскиот сојуз на Македонија како и горенаведениот Правилник и Роковник, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија започна со постапка за утврдување на кандидати за градоначалници на општините и за градоначалник на град Скопје за локалните избори 2021 година. Во согласност со напред наведеното даваме можност за самокандидирање и на личности кои не се дел од СДСМ.
За таа цел ги повикуваме сите заинтересирани чесни и угледни индивидуи, кредибилни и препознаени во локалната средина, кои ги поддржуваат нашите политики и имаат идеи да ги надградуваат, личности кои ги споделуваат социјалдемократските вредности и ги делат социјалдемократските идеали, да се самокандидираат како кандидати за градоначалници на општините или кандидати за градоначалник на град Скопје за локалните избори 2021 година.
Кандидатите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за градоначалници на општините и за градоначалник на град Скопје за локалните избори 2021 година, потребно е да ги исполнуваат следните критериуми:
✔ Да бидат полнолетни, односно да имаат наполнети 18 години живот, (во согласност со член 7 став 2 алинеја 1 од Изборниот законик);
✔ Да бидат државјани на Република Северна Македонија;
✔ Да се работоспособни и да имаат општа здравстена способност;
✔ Да имаат деловна способност, (во согласност со член 7 став 2 алинеја 2 од Изборниот законик);
✔ Во целост да ги почитуваат позитивните законски прописи на РСМ и да не се води постапка за било какви дејствија спротивни на закон;
✔ Целосно исполнување на предвидените законски услови за градоначалници на општините и за градоначалник на град Скопје;
✔ Кандидатите за градоначалници може да бидат граѓани со постојано живеалиште во општините и градот Скопје каде што се врши изборот (во согласност со член 7 став 4 од Изборниот законик);
✔ Изработка и доставување на детална програма со предлог идеи, проекти и визија за развој на општината или градот Скопје за периодот 2021-2025 година;
✔ Да уживаат висок углед и кредибилитет во локалната заедница и регионот на живеење да ја имаат подршката од сите етнички заедници;
✔ Почитување, вреднување на принципите и вредностите едно општество за сите граѓани;
✔ Да бидат угледни, чесни, професионални и стручни во делокругот на својата работа;
✔ Да поседуваат дополнителни вредности и капацитет за мобилизирање на граѓани;
✔ Во целост да ги почитуваат начелата и принципите на кои се темели Социјалдемократскиот сојуз на Македонија;
✔ Со своето минато, кандидатите, мора да влеваат недвосмислена сигурност, убедливост дека имаат капацитет за успешно извршување на функцијата и мандатот за кои се предлага, водејќи се од принципот на солидарност, еднаквост и толеранција;
✔ Да потпишат изјава за прифаќање и почитување на Етичкиот кодекс на СДСМ и истиот во целост да го почитуваат;
✔ Изјава за прифаќање на кандидатура за градоначалник од редовите на СДСМ;
Со доставената самокандидатура за градоначалник на општините или за градоначалник на град Скопје за локалните избори 2021 година, кандидатот во хартиена форма задолжително доставува:
1. Стандардизирана биографија/CV;
2. Мотивационо писмо/писмо за намера;
3. Детална програма со предлог идеи и проекти за развој на општината или град Скопје за периодот 2021-2025 година, и тоа:
● Концепт и визија во однос на идно урбано и рурално развивање на општината односно градот Скопје;
● Целосно образложен план и концепт за планираните мерки и активности во однос на заштитата на животната средина и природата за општината односно градот Скопје;
● Предлог идеи за иден локален економски развој за општината односно градот Скопје;
● Приоритени цели и мерки во однос на идно функционирање во комуналните дејности, како предлог мерки за идно функционирање и работење на јавнитe претпријатија на општината односно градот Скопје;
● Визија и предлог локална страгетија за развивање на спортот во општината односно градот Скопје, почнувајќи од најмладите;
● Концепт, размислување и предлози во однос на спроведување на проекти од областа на културата и уметноста;
● План, визија и концепт за унапредување на образованието и социјалната заштита на децата како и старите лица во локалната самоуправа;
● Детално образложување на предлог начин/начини и постапка/постапки за реализација на постојана комуникација со граѓаните (од аспект на прием на предлози и преставки се до нивно решавање и известување за истите);
● Предлог идеи во однос на спроведување на мерки и активности за транспаретност и отчетност во општината односно градот Скопје.
Заинтересираните кандидати своите кандидатури (со целосна прилог документација во хартија, во затворен плик со назнака Самокандидатура за градоначалник на општина __________ или самокандидатура за градоначалник на град Скопје за локалните избори 2021 година) потребно е да ги достават до 30.06.2021 година, до Извршниот одбор на Централниот одбор на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, во седиштето на СДСМ на ул. Бихаќка број 8 Скопје.
Дополнителни информации и потребните обрасци за комплетирање на документацијата (Изјава за прифаќање и почитување на Етичкиот кодекс на СДСМ, Изјава за прифаќање на кандидатура за градоначалник од редовите за СДСМ и Изјава за прифаќање на кандидатура и обврски за член на совет од редовите на СДСМ) се објавени на веб страната на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија www.sdsm.org.mk.