Собранието донесе историска одлука со која Македонија избра иднина наместо изолација. Патот кон НАТО и ЕУ е чист, а за тоа најголема заслуга имаат граѓаните, но и 80 пратеници во Собранието на Република Македонија, кои низ демократска постапка им кажаа стоп на поделбите и ја поведоа Македонија кон национално обединување, се вели во соопштението на СДСМ.
-Мицкоски, Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ синоќа уште еднаш потврдија дека се антизападни и антимакедонски партиски фигури кои на Македонија и носат само зло, криминал и сиромаштија. Граѓаните и огромното мнозинство во парламентот му свртеа грб на злото предводено од Мицкоски. Македонија одбра да продолжи по патот на интеграција и сојузништво. 80 пратеници слободно и по сопствено убедување гласаа за иднина во ЕУ и НАТО, велат од СДСМ.
Тие додаваат дека поразениот Мицкоски мора да престане со притисоците и сеењето страв и ќе мора да ги тргне, како што велат од СДСМ, своите режимски раце од сите пратеници во Собранието.
-Сега се создадени услови за уште поголема поддршка во Собранието за патот кој Македонија го избра, а тоа е спроведување на договорот од Преспа и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ. Овој пат заслужува поддршка од сите пратеници во Собранието зашто подразбира економски просперитет, држава по европски правила и национално помирување помеѓу политичките фактори и помеѓу граѓаните. Надлежните институции имаат обврска да ги заштитат пратениците од сите закани и притисоци кои ги прават Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението на СДСМ.
Како што велат од владејачката партија, граѓаните го препознале и го поздравиле овој историски чекор на 80-те пратеници што обезбедува помирување и национално обединување околу врвните државни интереси.
-Македонија се помирува, Македонија се обединува надпартиски и надетнички, 80 херои ја презедоа одговорноста за овој неповратен историски исчекор за иднината на земјата, време е сите да се приклучат, пишува во соопштението на СДСМ.
