Дваесет и едногодишниот Никола Саздовски, кој крвнички беше претепан пред десетина дена во скопската населба Автокоманда, вчера рано наутро им подлегна на повредите. По десетина дена минати во кома на Клиниката за реанимација и интензивно лекување, младиот Саздо не издржа. Саздовски при тепањето паднал на тротоарот, силно ја удрил главата, при што настанале тешки повреди на мозокот и западнал во арефлексна кома од која не се извлече. Тој ќе биде погребан денеска на гробиштата во Бутел.
Смртта на момчето, кое беше припадник на навивачката група „Комити“, им ги скрши срцата на неговите најблиски, другарите, пријателите, но и на сите оние кои до пред некој ден никогаш немаа слушнато за него. Како виновници за бруталното претепување се споменуваат три лица. Двајца од нив се во притвор, третиот е во бегство. Нивниот идентитет не се открива, надлежните се плашат дека се можни тензии на меѓунационална основа и стравуваат работите да не излезат од контрола. Ќе одговараат за насилство што е многу полесно дело, па и казната е многу помала во споредба со обид за убиство. Тоа предизвика голем гнев кај блиските на популарниот Саздо.
Од Основното јавно обвинителство вчера ни изјавија дека преземаат дејствија во истражна постапка за утврдување на фактите.
„Донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за сторено кривично дело насилство од член 486 став 6 во врска со став 3 и во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во ова кривично дело, во ставот 6 е нормирана и настаната тешка телесна повреда или смртна последица од извршеното кривично дело насилство. Надлежен јавен обвинител донесе наредба за вршење обдукција на починатото лице. По прибирање на релевантниот доказен материјал, негово проучување и анализа, ќе донесеме одлука во која ќе се утврди и правна квалификација на стореното дело“, велат од обвинителството.
И од Министерството за внатрешни работи вчера рекоа дека две лица се уапсени и им е одредена мерка притвор, додека по едно се трага.
„Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19), сите од Скопје. На 29 јуни околу 17:30 часот во Скопје на автобуска постојка на булеварот ‘Александар Македонски’, пријавените физички го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’. По преземените мерки, од страна на полициски службеници прво и второпријавениот се лишени од слобода и им е одредена мерка притвор. Целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното Јавно обвинителство“, соопштија од полицијата.
Другарите на Никола со неверување ја примија трагичната вест. Тие до последен момент веруваа оти нивниот Саздо ќе успее да се избори за живот.
„Под апчиња сме, немаме зборови. Не е можно ова да се случува… Саздо беше другар и пол, имаше срце како планина, верувавме дека ќе успее да се спаси“, велат другарите на момчето.