Среде судскиот процес Транспортер, обвинетиот Џими Мицевски бараше судот да ги одложи рочиштата по 15 јануари поради закажана музичка турнеја во Австралија. Мицевски кој е обвинет како управител на Џими Турс, една од фирмите за транспорт на ученици во Битола, бараше судот да не ги закажува рочиштата за наредниот месец. Неговото присуство како менаџер и свирач во групата Молика за турнејата било неопходно и доколку ја одложат би се соочиле со казна од 50 000 долари.
„Турнејата е закажана цела година однапред, уште пред да почне судскиот процес, ќе ја запустам групата сите ќе плаќаат голема казна ако ја одложиме“ – вели тој.
Од април минатата година обвинетиот знае дека се води истрага и секој договор по тоа го презел на свој ризик, реагираа од специјалното обвинителство.
„Еден од обвинетите побара одлагање од лични причини и се произнесовме дека не може да се развие постапката заради тој обвинет и тоа не се важни причини за одлагање“ – вели Трајче Пеливанов.
Досега не бил побаран притвор или друга мерка за да се обезбеди негово присуство. Опасност да ја напушти државата и да не се врати постои, велат од СЈО.
„Доколку потои ќе постапиме, согласно законот“ – вели Трајче Пеливанов.
Мицевски најави дека ќе се врати од Австралија на 13 декември за кога е закажано следното рочиште, но пак ќе замине назад. Денеска, по втор пат имаше неуспешен обид да почне главната расправа за транспортер, случај кој СЈО го води како криминал со транспортот на ученици во Битола. Една обвинета беше отсутна поради боледување, рочиштето помина во преговори за идните датуми за судење.
Присутен беше и екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески кој е првообвинет за злоупотреба на службената положба, бидејќи од позиција прв човек во општината дозволил да се наплати далеку повисока сума за транспорт на ученици од она што веќе било договорено.