„Ако граѓаните на Северна Македонија мислат дека прашањето со Бугарија го оставаме да виси, дека не сме заинтересирани и дека Бугарија може да прави што сака, тоа не е точно. Колективно имаме многу разговори со владата во Бугарија и се надеваме дека по изборите в недела ќе се придвижиме напред, порача холандскиот премиер Марк Руте, кој денеска престојува во еднодневна посета на Скопје во изјавата за неколку медиуми од земјава, по средбата со премиерот Зоран Заев, а пред вечерата со претседателот Стево Пендаровски.
Холандскиот премиер Руте им порача на граѓаните на С. Македонија да не ја губат верба во ЕУ. За неговата посета која доаѓа само еден ден пред гласањето доверба на Владата на Заев, холандскиот премиер рече дека, едноставно, е коинциденција.
Запрашан што доколку С. Македонија добие нова Влада, дали тоа може да влијае на процесот на отпочнување на преговорите со ЕУ, Руте возврати:
-Не е моја работа да шпекулирам. Ова е внатрешна политика на Северна Македонија. Јас лично сум добар пријател со премиерот Заев, но ќе работиме со секоја влада во Северна Македонија.
По сите неисполнети ветувања ко С. Македонија од ЕУ за почетокот на преговорите, врз основа на што сега граѓаните да веруваат дека тоа сепак ќе се случи ?
-Прво, за мојата земја. Холандија ги задржуваше пристапните преговори долго време, но мислам дека тоа беше – строго, но правично. Строго – одзеде време, но фер – па, кога сите чекори ќе се преземат, Холандија, Франција и другите рекоа – да за почеток на преговори. Ова прашање со Бугарија што се појави летото, секако, многу ме иритира, бидејќи тоа го попречува почетокот на меѓувладините конференции. Во таа смисла, би рекол – еј, луѓе, решете го ова, не вие, туку ЕУ, возвратри Руте.
Ваквиот пристап на ЕУ значи и губење на кредибилитетот не само во земјава туку и пошироко во регионот.
-Прашањето меѓу Бугарија и Северна Македонија е билатерално и тоа не треба да ги запира пристапните преговори. Цврсто верувам во ова и тоа не е само мое мислење, туку на сите други земји членки на ЕУ. И, можеби, не е видливо за сите, но има многу дискусии со Бугарија, јас лично со претседателот Радев, но и другите колеги од ЕУ за да осигураме што е можно поскоро проблемот да се реши. Бидејќи не е добро по долго чекање на почеток на преговори, бидејќи јас чувствував дека тогаш Северна Македонија не беше подготвена, но сега е подготвена, а ова прашање е причина и се уште тоа не може да се случи. Тоа не е добро. Но, можам да ве уверам дека зад сцената, многу земји членки се обидуваат да разговараат со Бугарија и се надевам на најдоброто – дека по изборите на 14 ноември ќе продолжиме напред што е можно побрзо. Го разбирам ова размислување, но би побарал од граѓаните на Северна Македонија да не ја губат довербата во ЕУ. Сакаме да почнете преговори, сакаме еден ден, можеби, да станете полноправна членка, а во меѓувреме, да видиме на што можеме да работиме за многу практични резултати за Северна Македонија, но и за Албанија, појасни Руте.
