РМ е лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се обратија на 39-от состанок на Одборот на Глобален Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза.

Присуството на повеќе од 300 делегати од сите страни на светот, премиерот го истакна како почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство и знак на препознавање во успешното справување со ХИВ вирусот и со туберкулозата, како два големи здравствени, но и општествени проблеми.

„Сакам да истакнам дека почнувајќи од оваа година, РМ во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена, Владата на Република Македонија за 2018-тата година издвои 1,5 милиони евра или 3 и пол пати повеќе во споредба со минатата година.Со тоа, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза од страна на државата“, рече во своето обраќање премиерот Заев.

Тој, исто така нагласи дека стапката во нашиот регион на ХИВ и на туберкулоза е прилично ниска и затоа, проблемите на овие болни, за жал, како што рече премиерот, понекогаш ги ставаме во втор план, и паѓаат во сенка на сите други предизвици со кои земјите од овој регион се соочуваат во областа на здравството.

„Токму ниската стапка на болни до некаде ни ја олеснува работата. Со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори, имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме. Овие прашања не треба да зависат од политичка волја, бидејќи се прашања на основните човекови права“, додаде премиерот Заев пред присутните.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во своето обраќање информираше за Министерскиот состанок на Министрите за здравство од Југоисточна Европа, каде што по констатираниот напредок, како што кажа тој, се разговарало и што треба дополнително да се направи за да се стави крај на епидемијата за ХИВ и туберкулоза, како дел од Агендата за одржлив развој од 2030 година.

„Владите на земјите од ЈИЕ се посветени на домашно финансирање и обезбедување на пристап до третман на ХИВ и туберкулоза за сите, со вклучување на граѓанско општество и засегнатите заедници. Услугите што ги обезбедуваат граѓанските организации за да стигнат до сите ранливи групи, се повеќе се препознаваат како интегрален дел од здравствените и социјалните системи на земјите“, рече министерот Филипче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e