Четирите блока за потрошена електрична енергија во скапа тарифа остануваат, но со значително зголемување на границите. Па така, во првиот блок влегуваат домаќинствата кои ќе трошат до 210 киловат часови. Вториот блок е на линија до 630 киловати потрошена енергија, третиот 1 050, додека сите оние кои ќе трошат над 1 051 киловат часови ќе влезат во четвртиот блок.
Колку плус ќе плаќаат граѓаните кои трошат повеќе ќе се знае в среда кога ќе биде објавена и новата цена на струјата. Според најавите оние кои ќе влезат во 4тиот блок, ќе плаќаат 4,5 пати повисока цена, односно цена близу пазарната.
„Секој блок ќе си има фиксна цена. Секој потрошувач ќе си има своја просечна цена. Ако цела потрошувачка ви е во скапа тарифа ваша просечна цена ви е поголема, ако е во ефтина тарифа ќе биде 2 пати помала. Секој потрошувач ќе си има своја просечна цена. Но, за прв блок ќе биде иста за сите домаќинства, ако е во втор ќе ја плати само разликата, а сите тие ќе си бидат фиксни цени.“ изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Броилата нема да претрпат никакви промени, но од РКЕ бараат ЕВН навреме да ги чита. Оттаму пак уверуваат дека имаат доволно капацитет и уверуваат дека ќе интервенираат секаде каде што ќе наидат на проблеми.
„Ние се ќе направиме што е можно да пристапиме до броилата, како и до сега. Во некои региони нема можност за пристапување, каде што има отпор од корисници, и асистенции од институции, не можам да кажувам што ќе се случи конкретно во кој регион. “ истакна Благоја Стоевски, ЕВН.
Тарифникот ќе стартува од 1ви јули со новата цена на струја која ќе се објави веќе во среда. Сите енергетски компании веќе побараа зголемување на цената за услугата која ја вршат и до 80 %. ЕСМ пак произведената струја за Универзалниот снабдувач ќе ја продава за 17% повеќе, односно – 48 евра за мегават час.
