Првомајски марш на синдикатите

Патиштата се различни, целта е една – со ваков слоган синдикалните движења ќе маршираат на претстојниот Ден на трудот. Сојузот на синдикати, синдикатите од Повелбата на солидарност и Конфедерацијата на синдикални организации, на 1 мај ќе стартуваат од различни локации, но ќе се сретнат пред законодавниот дом и заедно ќе продолжат до Владата каде ќе ги искажат своите барања за нов Закон за работни односи.

„Нашите барања се за достоинствена плата, покачување на личниот доход,  ценење на работничкиот труд, регрес во јавниот и приватниот сектор, стоп за мобингот кој се врши врз вработените, подобрување на економската положба.“ – изјави Дарко Димовски – Претседател на ССМ.

Комплетна промена на Законот е единственото решение за подобрување на заштитата на правата на работниците – согласни се синдикатите. Според нив, актуелните одредби не го штитат работникот. Освен за промена на законот, КСОМ ќе маршира и против извршителите.

„На 1 Мај ги повикуваме тие што се сега блокирани и тие што биле блокирани, ги повикуваме сите вработени кои одвојуваат една третина од платата, тешко спечалена и мала, ги повикуваме сите пензионери, кои исто така одвојуваат по една третина од малите пензии за извршителите, за виртуелни долгови кои им се додадени на нивните сметки, ги повикуваме тие што плаќаат заостанати долгови од пред 20 години, спротивно на сите закони“ – велат од КСОМ.

1во мајскиот марш годинава ќе брои повеќе синдикални организации од минатата кога се протестираше и пред зградата на ССМ со барања за ослободување на Сојузот од претходното раководство кое отчлени неколку грански синдикати. Синдикализмот се уште не е застанат на здрави нозе – коментираат од синдикатите, но велат дека комуникација помеѓу нив е воспоставена и дека очекуваат соработка во иднина.

Сојузот на синдикати под водство на Живко Митревски само еднаш маршираше на денот на трудот, а Митревски долго време беше обвинуван дека го ослабува синдикализмот. Ревизорските извештаи за управувањето на Митревски со ССМ ќе бидат доставени до Јавното обвинителство.

Извор: 24ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e