За недоизградената пруга од Битола до грчка граница ќе се води судски спор, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој не прецизираше против кого ќе биде поведен спорот, но рече дека веќе имало дејствија за откривање на одговорните лица кои не го завршиле проектот.
„Судска постапка ќе се води во делот на одговорноста. Сѐ што имаме поврзано со овој случај доставуваме до органите на проганот. Тие малверзации ги открива обвинителството“, рече Сугарески.
Пругата требаше да ја гради бугарски конзорциум на фирми кој за подизведувачи зеде домашни компании, а на крај не им го исплати сработеното. Пругата се градеше со пари од европските фондови и требаше да биде готова до лани летото. Но, не се исплатија обврските кон подизведувачите, па работниците престанаа со работа. Некои од нив го тужеа бугарскиот конзорциум пред судот во Софија. Беше изграден само еден километар од предвидените 17, за што беа потрошени околу 4,5 милиони евра.
По раскинувањето на договорот со бугарскиот конзорциум, беше распишан нов тендер на кој за изведувач се избра австриската компанија „Штрабаг“ која во текот на следната година ќе има обврска целосно да ја изгради пругата. Во спротивно останатите 14 милиони евра европски пари, ќе пропаднат зашто лимитот за искористување е до крајот на идната година.
Извор: СДК