Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и екс генералниот секретар во неговата влада, Кирил Божиновски денеска во Кривичниот суд беа прогласени виновни за случајот „Талир2“ .
Груевски доби 6 години затвор, а Божиновски доби две години условен затвор, одноно казната ќе се изврши ако во наредниот период не изврши друго кривично дело.
Судот одлучи да се консфикува палатата на партијата ВМРО-ДПМНЕ, позната како „Белиот дворец“ како и дваесеттина објекти во сопственост на партијата.
Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон” АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Предметот го води судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Љубомир Лапе.
Главната расправа за предметот заврши вчера со завршни зборови на второобвинетот во случајот „Талир 2″ Кирил Божиновски кој упати критики до Основниот Кривичен суд – Скопје дека во текот на судењето за овој предмет му се прекршени неговите права. Тој негираше дека договарал или преговорал со АД – Бетон за изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека со изведените докази од Обвинителството не е поткрепено обвинението.
Претходно, адвокатот Горан Каркински, кој беше назначен по службена должност да го брани првоообвинетиот Никола Груевски, рече дека во текот на судењето Обвинителството не презентирало ниту еден доказ или сведок, за тоа за што го обвинува Груевски.
Oбвинителот Љубомир Лапе, претходно му предложи на судечкиот совет да ѝ се конфискува имот на партијата како трето лице, бидејќи во нејзино име е остварена имотната корист. Обвинителството бара одземање на Белата палата и дваесетина објекти во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ низ државата.
Претставниците на опозициската партијата ВМРО-ДПМНЕ, адвокатите Дончо Наков и Ружица Николовска, на вчерашното рочиште не дадоа завршни зборови бидејќи, како што рекоа, партијата не е странка во постапката. Меѓутоа, порачаа дека одземањето на имотот меѓу кој и зградата на седиштето позната како белата палата би било незаконски.
-Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија не беа странки во оваа фаза. Она што како претставник го имам и на кое ми е укажано од раководство е да во текот на оваа постапка барам да се спроведе законот и само законот и ВМРО-ДПМНЕ да ги добие сите права кои ги има согласно Законот за кривична постапка со цел да се утврди фактичката состојба онака како што е вистината, рече адвокатот Дончо Наков.
Тој вели со оглед на тоа што не е странка во постапката, односно тужител или обвинет како правно лице, претставник на ВМРО-ДПМНЕ требало да биде испитан пред фазата на заврши зборови.
-Правото на испитување не ми е дадено, а право на завршен збор немам согласно закон. Тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со незаконито спроведување на оваа постапка, особено со делот на замрзнување и евентуално одземање односно конфискација се прави еден обид, се надевам дека судот нема да го дозволи тоа, да на незаконит начин и со недавање на правата согласно закон преку обвинетите се одземе имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Тврдам дека овие права, кои ни ги дал законот, не ни се дадени. Согласно на тоа, ние не можеме ниту да дадеме завршен збор, туку напротив само како претставник на правното лице во фазата во која вие ме повикавте се произнесов за недоследностите на постапката, рече Наков.