Премиерот Зоран Заев, според неофицијалните информации, од 23 до 26 јануари ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос, но неизвесна е средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, како што јавија грчките медиуми.
Од Владата засега ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата.
„Сѐ уште не се утврдени деталите околу тоа“, ни изјави кусо владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос е годишен собир на светската политичка и бизнис елита, а Заев ќе биде првиот македонски политичар кој ќе учествува на Форумот по пауза од цели 15 години, бидејќи последен што учествувал на овој светски собир е претседателот Борис Трајковски во далечната 2003 година.
Извор: МКД