Еден преглед на судските постапки кои се поврзани со предметите на СЈО кажува дека изминатите три-четири години сепак не биле само залудно потрошено време
Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вчера излезе со предлог да се формира посебна агенција која ќе има специјални овластувања за гонење на корупцијата и организираниот криминал, односно некој вид истражно „СЈО“, откако првото заврши неславно по откривањето на аферата „Рекет“. Дали е неопходна таква институција и дали се навистина мали резултатите во гонењето на организираниот криминал и корупцијата, најдобро се гледа ако се направи анализа на случаите од висок профил на СЈО и на Јавното обвинителство. Таа покажува дека од 2017 година, кога започнаа првите судења покренати од СЈО па досега изречени се пресуди од над 350 години ефективен затвор во високопрофилни случаи, иако некои од нив треба да ги потврди Апелацискиот суд.
И покрај чувството во јавноста за продолжување на климата на неказнивост, анализата покажува дека еден од симболите на режимот, Сашо Мијалков, освен што доби 12 години затвор за обвинението за прислушување, се соочува со затворски казни уште во четири предмети на СЈО – „Титаник 2“, „Трезор“, „Тортура“ и евентуално „Империја“, која сѐ уште е во фаза на истрага. Пребеганиот Никола Груевски веќе заработи две затворски казни од вкупно 3 години и 6 месеци, додека Гордана Јанкулоска има две изречени затворски пресуди од вкупно 8 години, а ја чека уште еден голем случај –„Титаник“. Против Груевски, пак, течат судења за уште пет предмети, а застаре само еден – „Траекторија“.
Од вкупно 40 процеси за висока корупција, вклучувајќи го и „Рекет“ со Катица Јанева, целосно се завршени седум, а потврди од Апелацискиот суд се чекаат за уште четири – „Таргет-Тврдина“, „Титаник 3“, „Транспортер“ и „Тарифа“. Завршија и процесите за случајот „Монструм“ и за учесниците во насилството на 27 април, но далеку од крајот е судењето за организаторите на упадот во парламентот, меѓу кои е обвинет и Трајко Вељаноски.
Во затвор или притвор од високите функционери и деловни луѓе, освен Мијалков и Јанкуловска, во моментов се Сеад Кочан, Ѓоко Поповски, Катица Јанева и осудените за 27 април, додека Владимир Талески чека потврда на казната од Апелација, а судењата за Владимир Пешевски, Елизабета Канческа-Милевска, Зоран Ставрески, Кирил Божиновски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Силвана Бонева, Љупчо Димовски сѐ уште траат. Миле Јанакиески засега има едногодишна условна затворска казна за насилството во Центар, но го чекаат пресуди во шест други судски обвиненија.
За лошиот впечаток дека правдата се одолговлекува, покрај бегствата на некои од обвинетите, придонесе повторувањето на некои од судењата, при што фаворит е судењето за предметот „Тотал“ против Драган Павловиќ – Латас кое почна по третпат, а пет други случаи почнаа од почеток. Еден преглед на судските постапки кои се поврзани со предметите на СЈО кажуваат дека изминатите три-четири години сепак не биле само залудно потрошено време:
ПРЕДМЕТИ ПОВРЗАНИ СО СЈО
1. Предмет „Таргет–Тврдина“, обвинителен акт на СЈО.
Судскиот процес започна на 22 декември 2017 година, а првостепената пресуда беше објавена на 26 февруари 2021 година. Предметот се однесува на незаконското прислушување и на уништување на опрема за прислушување.
Сашо Мијалков – 12 години затвор (5 години за злосторничко здружување, 5 за злоупотреба на службената положба и овластувње и 3 за примање награда за противзаконито влијание – пресметени во единствена затворска казна од 12 години)
Гордана Јанкулоска – 4 години затвор (за злоупотреба на службената положба и овластување)
Горан Грујевски – 15 години затвор (4 години за злосторничко здружување, 4 за злоупотреба на службената положба и овластување, 5 за уште едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, 1 за фалсификување службена исправа и 1 за уште едно кривично дело фалсификување службена исправа – пресметани во единствена затворска казна од 15 години)
Целиот преглед на судските постапки можете да го погледнете на следниот ЛИНК.