Нема расположение кај пратениците од внатрешноста на Македонија за намалување на патните трошоци кои што месечно достигнуваат и до 3.000 евра. Тие не сакаат да се откажат од оваа дополнителна заработувачка, која што е неколкукратно поголема од пратеничката плата, пишува СДК.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев уште чека одговор од пратеничките групи за предлозите што ги даде летоска за намалување на неговите трошоци како охриѓанец и на патните трошоци на останатите пратеници кои патуваат во Скопје на работа. Тој на прес-конференција во јули, понуди четири варијанти за значително намалување на патните трошоци за пратениците.
„До овој момент, за жал, немаме добиено никаков фидбек од другите пратенички групи во Собранието, ниту од опозицијата, ниту од коалиционите партнери, во врска со нашата иницијатива за разгледување на неколку предлози за менување на начинот на одредување и надоместување на трошоците за престој и превоз на пратениците од внатрешноста, што им ги доставивме на разгледување кон крајот од јули“, вели Тунтев.
Во меѓувреме, пратеничката група на СДСМ на претседателот на Собранието Талат Џафери (од Гостивар), како надлежен за правата и условите за работа на пратениците, му препорачала единствен предлог за намалување.
„На претседателот му предложивме да се изврши намалување од 30% на 20% на процентуалниот износ на вредноста од цената на горивото, што се користи за пресметка на надоместоците. На тој начин очекуваме намалување на трошоците за надоместоците за престој и за превоз на пратениците од внатрешноста, најмалку за една третина“, пресметува Тунтев.
Тој ги отфрла шпекулациите дека со новиот предлог-буџет од Министерството за финансии имало удвостручување на средствата за патни трошоци за пратениците.
Годинава за патни трошоци за пратениците биле предвидени 84 милиони, а за 2018 помалку, 81 милион денари.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема денеска рекле дека власта треба да си најде решение за намалувањето на патните трошоци за Собранието, бидејќи тоа им беше ветување во изборната кампања.