Парламентарни делегации од регионот, меѓу кои и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија деновиве во Вашингтон присуствуваат на настани и обуки за борба против корупција и транспарентно владеење организирана од Меѓународен републикански институт (ИРИ). Делегацијата од македонското Собрание е составена од пратениците Артан Груби од ДУИ, Горан Мисоски од НСДП и Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на Собранието и пратеник од НСДП Мисовски смета дека е добро што сегашната Влада, за разлика од некои други поранешни влади, не ги става под тепих корупциските скандали.
– Посебен пример е таканаречената афера „Рекет“, кога самиот премиер Зоран Заев ја пријави во Антикорпуциската комисија и во Јавното обвинителство. Ние како Влада и како парламентарно мнозинстви апсолутно имаме единствен став, дека борбата против корупцијата мора да биде на највисоко ниво, рече Мисовски.
Според него, ако една власт постави високи стандарди за нула толеранција на корупцијата, секоја идна влада мора да ги следи тие стандарди. -Тоа е нешто што нашите пријатели во САД постојано ни ги укажуваат, истакна тој.
Мисовски е убеден дека Република Северна Македонија на 15 октомври ќе добие датум за отпочнување преговори, а на 4 декември на Самитот на НАТО земјата ќе стане полноправна членка на Севрноатлантската алијанса. -Мислам дека нашата земја се движи во вистинскиот правец, па дали добро сме сработиле, тоа ќе го кажат граѓаните на избори идната година.
